Претседателот на Франција Емануел Макрон, кој се уште официјално не е кандидат за втор мандат, според последното испитување на јавното мислење за Фигаро и ЛЦИ, има 27 отсто од гласовите, наспроти 16 отсто за кандидатката на Републиканците Валери Пекрес и 16 отсто за Марин Ле Пен и 13,5 отсто за Ерик Зему, јави дописникот на МИА од Париз.

Речиси три месеци пред првиот круг од претседателските избори, закажани за 10. и 24 април 2022 година, последната анкета на Ифоп -Фидусиал за Фигаро и ЛЦИ го става Емануел Макрон во убедливо водаство во намерите за гласање, без оглед на тестираните хипотези. Тој би добил 27 отсто од гласовите во сите случаи, многу далеку пред Марин Ле Пен (16 отсто) и Валери Пекрес (16 потсто). И со пад од -1 поен, кандидатката на Републиканците и нејзината противничка од Националниот собир, практично се натпреваруваат за квалификациското место во вториот круг.

Зад првите три се наоѓа лидерот на „Реконкет“ Ерик Земур, кој стагнира со 13,5 отсто (+0,5), но го задржува водството пред Жан-Лук Меланшон со 8,5 отсто. Ниту еден кандидат на левицата не успева да достигне 10 отсто, бидејќи на екологот Јаник Жадот му се даваат 7 отсто, наспроти само 3,5 отсто за социјалистката Ан Идалго и едвај 2,5 отсто за Кристијан Таубира. Суверенистот Арно Монтебур има 1 отсто, колку и Жан Ласал и Филип Путу.

Во вториот круг, Емануел Макрон би бил победникот без разлика на тестираното сценарио. Доколку повторно се соочи со Марин Ле Пен, шефот на државата би победил со 59 отсто наспроти 41 отсто за неговиот противник од Националниот собир. Во случај на финале против Валери Пекресе, неговото водство би се намалило на 55 отсто, наспроти 45 отсто за кандидатката на Републиканците. Конечно, во случај на дуел со Ерик Земур, претседателот во заминување би добил со 63 отсто, наспроти 37 отсто за лидерот на „Реконкет“. Бројките беа забележани пред контроверзиите околу неговата желба да им „пречи на невакцинираните“.