Епархијата Повардарска почна со празничните богослужби во своите храмови. Претпразненство на Божик, Бадник – царски часови на рождеството Христово, рано утрово во присуство на голем број православни верници се одржа во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Велес.
По светата Василиева литургија на која чиноначалствуваше митрополитот Повардарски г. Агатангел, Епархијата Повардарска и Општина Велес на присутните деца им дадоа божикни пакетчиња. Пактчињата ги поделија г. Агатангел и градоначалникот Марко Колев.
Поради КОВИД, Епархијата одлучи и годинава да нема Бадникова поворка низ улиците на Велес.
Во исто време утрово, во 7:30 часот, во православниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ и во во храмот „Свети великомаченик Пантелејмон“ имаше царски часови на рождеството Христово со Вечерна и Света Василиева Литургија.
Утре, за Божик, во 8:30 часот храмот „Св. Кирил и Методиј“ ќе ја одржи централната прослава со Света Божикна златоустова литургија на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство Митрополит Повардарски г. Агатангел. Во исто време во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ свештенството на Епархијата Повардарска ќе одржи Света Божикна Златоустова Литургија.
На 8 јануари, во сабота, во 8:30 часот, на денот на Собор на Пресвета Богородица централен настан ќе има црква „Св. Петка“ – Кавадарци со Света Божествена Литургија на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство Митрополит Повардарски г. Агатангел.
Во недела, на 9 јануари, Денот на Св. архиѓакон и првомаченик Стефан или трет ден Божик, во 8.00 часот централен настан ќе има во храмот „Св. Атанасиј“ во Негорци. На литургијата ќе чиноначалствува г. Агатангел во сослужение на свештенослужители од гевгелиското намесништво на Повардарската епархија.
На 12 јануари, пак, на Св. Гаврил Велички во параклис „Св. Гаврил Велички“ во комплексот при црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес во 8,15 часот ќе се одржи Света Златоустова Литургија на која ќе чиноначалствува г. Агатангел. Истиот ден со почеток во 9 часот во храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Велес ќе се одржи Света Златоустова Литургија.