Филипинскиот претседател Родриго Дутерте денеска им се закани на невакцинираните лица во земјата дека ќе бидат уапсени доколку не ја послушаат наредбата да останат дома, откако Филипини го потврдија најголемиот скок на новозаразени во последните три месеци.

Во телевизиското обраќање до нацијата, Дутерте кажа дека ќе побара од лидерите на заедниците да бараат невакцинирани лица и да се погрижат тие да не ги напуштаат своите домови.

-Ако не послуша, ако ја напушти куќата и се движи низ заедницата, дозволено е да биде запрен. Доколку не послушаат, капетанот сега е овластен да апси непослушни лица, рече Дутерте.

Дневните инфекции со коронавирус на Филипините се највисоки од 26 септември со денешните нови 17.220 случаи, соопшти Министерството за здравство, вклучително и оние предизвикани од варијантата омикрон.

-Јас сум одговорен за безбедноста и благосостојбата на секој Филипинец, рече Дутерте.

На крајот на минатата година целосно се вакцинирани 49,8 милиони луѓе од вкупно 110 милиони жители или 45 отсто од популацијата. На невакцинираните луѓе кои живеат во Манила им е дозволено да ги напуштат своите домови само поради неопходни причини.

Дутерте е познат по својата воинствена реторика. На луѓето кои одбија да се вакцинираат минатата година им се закануваше затворска казна или Ивермектин, антипаразитски лек кој се користи за лекување на животни.

Неговите последни изјави ја одразуваат владината загриженост бидејќи здравствените експерти предупредуваат дека зголемувањето на инфекциите со Ковид-19 може повторно да ги оптовари здравствените системи во земјата.

На Филипините досега се идентификувани 43 домашни и увезени случаи на омикрон, па владата одлучи да воведе построги мерки.