Здружението „Црвен тепих на хуманоста“ деновиве во Македонски Брод спроведе хуманитарната акција. Од 4 до 6 јануари жителите донираа нерасиплива храна и други продукти, кои во текот на денешниот голем христијански празник Божик, ќе им бидат поделени на лица од социјално ранливи категории.
-Донирана е помош која ќе биде поделена на дваесетина семејства од градот и од неколку села во општината, рече координаторот Дарко Ристески.
Тој нагласи дека овој празник е за сите, ден кога треба да ја покажеме нашата широкоградост.
– Божик е радост за сите и беше потребно да покажеме вистинска смисла за заедништво,да ја потврдиме нашата широчина на срцата, нашата хуманост,радост и среќа. Како хумани граѓани во рамките на своите реални можности донирана е нерасиплива храна, хигиенски средства,облека и обувки кои во текот на денешниот ден ќе им бидат врачени на овие семејства, додаде Ристески.
Според него, Македонски Брод е еден од 17-те градови во земјава, каде што беше организирана оваа хуманитарна акција од средината на декември до Божикните празници.