Шведската престолонаследничка Викторија, која имаше Ковид 19 во март минатата година, повторно е позитивна на вирусот, објави кралската палата.

Според соопштението, престолонаследничката, која е целосно вакцинирана, има симптоми на настинка, но инаку се чувствува добро.

Се додава дека таа е изолирана дома, како и нејзиното семејство.

Ова е вторпат за помалку од една година принцезата Викторија (45) да биде позитивна на Ковид 19.

Во март 2021 година, нејзиниот сопруг принцот Даниел исто така беше позитивен на тестот.

Нејзините родители, кралот Карл Густав 16 (75) и кралицата Силвија (78), кои примиле три дози од вакцината, во понеделникот биле позитивни на вирусот.

Според Националната здравствена агенција, Шведска регистрирала 23.877 нови случаи на инфекција на 5 јануари, што е повеќе од двојно од врвот во декември 2020 година.

Во петокот, Шведска, земја со 10,4 милиони жители, забележа вкупно 1.416.650 потврдени случаи на инфекција со Ковид и 15.377 смртни случаи.