Во Словенија денеска стапија на сила неколку измени на Уредбата за мерки за спречување на ширење на коронавирусот, со кои, меѓу другото, се скратува времетраењето на карантинот и важноста на тестовите, но и се намалува бројот на патници во јавниот превоз. Таквите мерки се донесени во согласност со упатствата издадени од словенечкиот национален институт за јавно здравје, јави СТА.

Од денеска е скратен карантинот по контакт со висок ризик или при влез во земјава без пропусница за Ковид-19 од десет на седум дена.

Според новите правила, за да се избегне карантин при влез во Словенија, патниците кои биле вакцинирани или заразени со вирусот ќе треба да покажат негативен ПЦР тест не постар од 48 часа или брз тест не постар од 24 часа. Карантинот утврден на границата може да биде прекинат со негативни ПЦР тестови најмалку пет дена по пристигнувањето. Според новите мерки, автобусите ќе можат да примат само онолку патници колку што е регистрирано возилото, со обврска за празни седишта десно од возачот и зад возачот. На патниците ќе им биде дозволено да стојат во градските автобуси на растојание од најмалку еден метар, а местата за стоење мора да бидат јасно означени. Возовите ќе можат да примат само онолку патници колку што има седишта.