Под построги протоколи, со задолжителни маски, но и задолжителен негативен резултат од селф тест, односно тест за домашна употреба, учениците во Грција денеска се враќаат во училишните клупи и второто полугодие започнува регуларно, без одлагање, пренесува Катимерини.
Учениците и просветните работници, без разлика дали се вакцинирани или не добија бесплатни селф тестови, од кои едниот требаше да го направат во пресрет на почеткот на второто полугодие и според информации од Министерството за образование на Грција, веќе се о ткриени над 15 илјади потенцијални позитивни случаи.
Биле тестирани околу 1,6 милиони лица, а до рано утрово биле потврдени 15.547 позитивни селф тестови.
Учениците и просветните работници задолжително ќе се тестираат два пати седмично, со бесплатните селф тестови, а за оваа седмица ќе добијат еден тест плус.
Па така првиот требаше да го направат вчера, по втор пат ќе се тестираат попладнево за да ја имаат за утре соодветната потврда за присуство на настава, а третиот тест ќе треба да го направат во четврток.
За второто полугодие, промени има во протоколите во однос на потврден случај и нема да се тестираат само децата кои седат во близина на заразениот ученик, туку ќе се тестира целото одделение/клас.
Невакцинираните ученици ќе се тестираат секој ден, пет дена, со бесплатни два рапид и еден селф тест, како и двата селф тестови што и онака им следуваат, додека пак вакцинираните ученици ќе се тестираат со три селф тестови.
Истите правила ќе важат и за евентуален потврден случај на Ковид-19 кај просветните работници.