По синоќешниот земјотрес во Битола превентивно затворена е една детска градинка која работи во состав на детските градинки „Мајски цвет“, а одлуката е донесена со цел да стручни лица да извршат дополнителна проверка за безбедноста на детската градинка, изјави градоначалникот Тони Коњановски.

На прес конференција во Битола Коњановски потврди дека веќе е формирана мешовита стручна комисија за утврдување и проценка на штета по синоќешниот земјотрес во тој град.

-Синоќа излеговме на терен, ги обезбедивме сите информации од Итната медицинска помош и противпожарната единица и како Кризен штаб заклучивме веднаш да се формира комисија за проценка на штетите во која ќе учествуваат и претставници од Институтот за земјотресно инженерство во Скопје. Важно е дека по синоќешниот земјотрес нема повредени лица, а за штетите во домовите на секое семејство ќе има соодветно обесштетување, посочи Коњановски.

Општинскиот кризен штаб дискутирал за актуелната КОВИД-состојба во градот која, како што рече градоначалникот Коњановски, во овој период ескалира.

-Информирани сме дека во битолската Клиничка болница хоспитализирани се 17 лица, но голем е бројот на здравствени прегледи во амбулантите. Апелирам граѓаните да ги почитуваат Ковид-мерките, како лекар препорачувам граѓаните да се вакцинираат затоа што вакцината штити и од потешки форми на заболувања, нагласи Коњановски.

Од Општинскиот кризен штаб информираа дека водата за пиење во градот е здрава, квалитетна и безбедна за пиење.