Гевгелиските планинари, верни на традицијата, и оваа година ја почнаа со традиционалната акција за искачување на врвот „Чичи Каја“ на планината Кожуф, висок 1.767 метри.
Експедицијата, која беше составена од 36 членови на планинарското друштво „Кожуф“ кон својата цел тргна од месноста „Асан Чешма“ избирајќи ја за оваа прилика најлесната патека до поставената цел,во должина од 5,5 километри, поради наврнатиот снег и магловитото време како и поради нејзината симболика во годината кога друштвото ќе одбележи 70 години од своето постоење.
Поради временските прилики, учесниците во акцијата се движеа во колона во која, покрај главниот водич, беа поставени уште неколку заменици водичи кои го контролираа движењето на планинарите
Откако пристигнаа на врвот, планинарите си наздравија и си посакаа многу здравје и успешна јубилејна Нова година со многу реализирани акции, искачување на многу планини во земјата и странство како и освојување на многу планински врвови.