Поранешниот министер за надворешни работи Јоанис Касулидис, по четири години повторно се враќа на позицијата шеф на кипарската дипломатија, со одлука на претседателот на Кипар Никос Анастасијадис, јави дописничката на МИА од Атина.

Промената доаѓа откако досегашниот министер Никос Христодулидис вчера си поднесе оставка, што беше прифатена од кипарскиот претседател

Анастасијадис денеска во писмената изјава соопшти дека од утре функцијата ја презема Касулидис.

Новиот шеф на дипломатијата, 73-годишниот Јоанис Касулидис во минатото на двапати беше министер за надворешни работи, од 1997 до 2003 година и од 2013 до 2018 година, а во неговата кариера беше и владин портпарол и европратеник.

Досегашниот МНР Никос Христодулидис оставката ја соопшти вчера и ја остави отворена можноста да се кандидира на претседателските избори во 2023 година.