Во зголемена готовност сме и во континуирана комуникација со локалните власти за следење на ситуацијата со земјотресот во Лерин, напиша на „Твитер“ министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Христос Стилијанидис по синоќешниот земјотрес во близина на македонско- грчката граница, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција соопштија дека по синоќешниот земјотрес со јачина од 5,3 степени, веднаш биле мобилизирани сите сили на механизмот за цивилна заштита за да им се понуди помош на жителите, а се одржал вонреден состанок со надлежните органи и градоначалници.
Била оценета ситуацијата, со оглед дека имало мали штети на стари објекти, а специјалните единици за справување со катастрофи од противпожарната служба од цела Грција биле во состојба на зголемена готовност во случај да е потребна помош и интервенција.
Додаваат дека од надлежната периферија веќе поставиле мал број шатори доколку некој од граѓаните има потреба.
Земјотресот со јачина од 5.3 степени кусо полноќ по локално време беше регистриран на два километри од Лерин, во близина на границата на Грција со Северна Македонија, а беше почувствуван и кај нас, додека пак дел од жителите на Лерин, ноќта ја поминаа на отворено.