Шпанската влада работи на регулативи за ограничување на малопродажните цени на антигенските тестови на Ковид 19, изјави денеска премиерот Педро Санчез, откако многу аптеки во декември останаа без основните средства во борбата против инфекцијата.
Опозициските политичари и групите на потрошувачи протестираа против повисоките цени на антигенските тестови во Шпанија во екот на Омикрон варијантата и недостигот на тестови во аптеките, а многумина бараат да се овозможи нивна продажба во супермаркетите.
„Пред и по Божик, разговаравме за снабдувањето со тестови, се појавија тесни грла. Сега ќе се занимаваме со контрола на цените на тестовите“, рече Санчез во интервју за радио станицата „Кадена СЕР“.
Според него, можеби е време да се воведат други параметри за следење на пандемијата, укажувајќи на намалена смртност од Ковид – 19.
Тој го потврди извештајот на дневниот весник „Ел Паис“ дека властите размислуваат да го следат коронавирусот слично како и грипот, што би значело дека нема да се регистрира секој случај на инфекција и нема да се тестираат сите граѓани со симптоми.
Санчез најави дека Шпанија во јануари ќе купи 344.000 дози антивирусни апчиња на „Фајзер“ против Ковид – 19.