Папата Франциск ги осуди неоснованите идеолошки дезинформации за вакцините против Ковид-19, поддржувајќи ги националните кампањи за вакцинација.

Папата Франциск ова го кажа во своето денешно годишно обраќање пред повеќе од 200 дипломати акредитирани во Ватикан.

-Гледаме дека на оние места каде што е спроведена ефикасна кампања за вакцинација, ризиците од тешки последици од болеста се намалени, рече папата во обрачањето пред дипломатите.

„Затоа е важно да се продолжи со имунизација на општата популација колку што е можно повеќе“, додаде тој, посветувајќи и на пандемијата пет од шесте страници на говорот.

Папата предупреди на вмешаност на идеологијата во кампањата за вакцинација.

-За жал, гледаме дека се повеќе сме во свет на силни идеолошки поделби. Често пати луѓето дозволуваат да се најдат под влијание на идеологијата на моментот, засилена со неосновани информации или лошо поткрепени докази, рече тој.

„Вакцините не се магичен лек, но тие секако претставуваат, меѓу другите лекови што треба да се развијат, најразумното решение за запирање на болеста“, додаде Фрањо.

Поглаварот на Католичката црква беше целосно вакциниран и во своето обраќање повика на поправедна распределба на вакцините за посиромашните нации, како и напуштање на „монополските правила“ за патентите за вакцини за поголемо добро.

Во својот говор, Франциск повторно ги бранеше мигрантите, велејќи дека секоја држава мора да ги прифати колку што може и дека одговорноста за нивната интеграција мора да биде споделена.