Претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Џозеф Бајден сè уште немаат намера повторно да разговараат, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Во моментов нема договор за ова прашање, истакна Песков пред новинарите, одговарајќи на прашањето дали рускиот и американскиот лидер планираат да разговараат по преговорите во Женева.

Песков додаде дека „за време на нивниот претходен телефонски разговор, кој се одржа во пресрет на новогодишната ноќ, двајцата претседатели ја потврдија подготвеноста за уште една рунда телефонски разговори, доколку има потреба“.

Преговори се водат во затворен формат, во постојаната мисија на САД во Канцеларијата на ОН во Женева, пренесуваат западните агенции. – Кога ќе завршат преговорите во Женева, ќе видиме до каде сме и каков е нашиот став, тогаш ќе биде јасно како понатаму да се оцени ситуацијата, нагласи Песков.

Руската делегација ја предводат заменик министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков и заменик министерот за одбрана Александар Фомин, а американската делегација ја предводи првиот заменик државен секретар Венди Серман.

Прелиминарните разговори во форма на работна вечера беа одржани синоќа, а Рјабков истакна дека разговорот бил сложен, но ефективен.

Се очекува главна тема да биде нацрт-договорот доставен од Русија до САД и нивните сојузници кон средината на декември, кој вклучува непроширување на НАТО кон исток.