Советот на ЕУ денеска одлучи да санкционира уште седум лица и три ентитети од Никарагва поради политичката ситуација во оваа земја.
Никарагва со месеци се наоѓа во криза откако претседателот Даниел Ортега по четврт пат беше избран во ноември. Овој четврт мандат не го признаваат неколку земји во Јужна Америка, како Чиле и Коста Рика. Претседателот Ортега се обвинува и за политички реваншизам откако седум негови политички ривали беа осудени на затворски казни пред изборите.
Европската Унија од 2017 има санкции против Никарагва, минатата година усвои рестриктивни мерки против шест лица, а денеска најави дека уште седум лица блиски до Ортега се додаваат на списокот.
Станува збор за членови на неговото семејство како и потпретседателот Росарио Муриљо. На списокот на санкции се најдоа и изборниот совет, полицијата, како и приватните компании Телеком и пошта.
Сите овие лица и компании се обвинуваат за тешко кршење на човековите права и поддршка за лажирање на изборите.
Вкупниот број на санкционирани луѓе и ентитети изнесува 21. Санкциите се состојат од замрзнување на имот и забрана за трговија и било каков бизнис со фирми и лица во ЕУ, забрането е било какви фондови да им бидат ставени на располагање ниту пак да транзитираат низ територијата на ЕУ.
ЕУ смета дека изборите во Никарагва во ноември не се легитимни и не го признава мандатот на Ортега.