Првиот неформален министерски состанок во рамки на француското претседателство со Советот на ЕУ ќе биде средбата на министрите за одбрана в среда и четврток во Брест, соопштија денеска француските власти на страницата посветена на претседавањето со Унијата.
ЕУ првпат ќе има Бела книга, која ќе се одредува текот на безбедноста и одбраната до 2030 година, се наведува во соопштението и се додава дека Белата книга е документ во рамки на проектот „Стратешки компас“.
– Врз основа на заедничка анализа на заканите, ќе бидат одредени активностите во четири клучни области – управување со кризи, капацитети, отпорност и партнерство. Како резултат на двегодишна работа, започната под германското претседателство со ЕУ, Белата книга треба да биде финализирана до март за да биде поддржана од шефовите на држави и влади на самитот на 24 и 25 март, соопштија француските власти.
Се додава дека состанокот во Брест ќе им овозможи на министрите да дадат свои инструкции за безбедноста и одбраната.
Планирани се неколку сесии, вклучително и работна вечера на која ќе присуствува и генералниот секретар на НАТО Јенс Солтенберг. Дводневниот состанок ќе го води високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, потврдија француските власти.