Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски попладнево ги посети двете централни детски градинки „Естреја Овадија Мара“ и „Мајски цвет“.
Од Општина Битола информираа дека целта на посетата е градоначалникот директно на терен да се информира за состојбата во која се наоѓаат објектите по синоќешните земјотреси и веднаш да се пристапи кон преземање мерки од страна на Општината и детските градинки, со цел да се овозможи непречено згрижување на децата од предучилишна возраст.
Од извршениот увид, материјални штети се констатирани само кај детската градинка „Качунка“, која е клон на ЈОУДГ „Мајски цвет“.
По серијата земјотреси што ја зафати Општина Битола, локалната самоуправа ги повикува жителите на Општината кои претрпеле штета, да поднесат барање за проценка на штета на шалтерите во Општина Битола.
-Врз основа на доставените барања, Комисијата од Општина Битола ќе изврши проценка на штетите на терен, по што ќе биде соодветно постапено. Барањата можат да се доставуваат од 11.01.2022 до 26.01.2022 од 07.30 до 15.30 часот. Барањето може да се преземе од следниот линк https://www.bitola.gov.mk/izvestuvanje-na-opstina-bitola/, соопштија од Општина Битола.