Загриженоста на некои големи европски земји за можните негативни последици од западните санкции против Русија во случај на инвазија на Украина, создава ризик од поделба на САД и нивните европски сојузници поради сериозноста на санкциите, објави Блумберг, повикувајќи се на „упатени извори“.

Според изворите на Агенцијата, американските сојузници во Европа се обединети во нивната желба да спречат можен вооружен конфликт меѓу Украина и Русија и ја предупредуваат Москва за претстојните големи санкции, но во исто време некои од нив „искажале загриженост до ОН“ за можните последици од ваквите мерки за нивните економии.

– Оваа група земји ги анализира економските и правните ефекти од можните санкции, наведува Блумберг.

Европејците меѓу другото се загрижени за можната одмаздничка мерка на Русија – намалување или прекин на испораките на гас за Европа, која веќе доживува енергетска криза. Дополнително, истакнува Блумберг, за воведување антируски санкции ќе биде потребна едногласна согласност од сите земји-членки на ЕУ, кои имаат „генерално различни ставови за Русија“.

– Разликата во пристапите го покажува предизвикот со кој се соочуваат САД и нивните сојузници во обидот да извршат притисок врз претседателот Владимир Путин да престане да распоредува војници во близина на границата со Украина, истакнува Блумберг.

Предходно беше објавено дека американската администрација ја разгледува можноста за ограничување на извозот на високотехнолошки производи во Русија, како и микроелектроника, што се произведува со помош на американски технологии или софтвер.

Во Брисел утре ќе се одржи Советот Русија-НАТО, а на 13 јануари во Виена ќе има состанок на Постојаниот совет на ОБСЕ. Според најавите, на разговорите пред се ќе бидат руските иницијативи за безбедноста во евроатлантската област.

На 17 декември 2021 година, руското Министерство за надворешни работи објави руски нацрт-договори за безбедносни гаранции што Москва ги очекува од САД и од НАТО.

Двата договори, со САД и нивните членки, вклучуваат, меѓу другото, запирање на проширувањето на НАТО на Исток, вклучително и одбивање да се прими Украина, како и наметнување ограничувања за распоредување на офанзивно оружје, особено нуклеарно.