Градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ, и неговите двајца синови се ослободени од обвиненијата за даночно затајување во врска со продажбата на акции во малопродажниот синџир „Меркатор“ во 2006 година, е исходот од денешната судска пресуда, што е донесена по едномесечно судење, јавува словенечката агенција СТА.

Јанковиќ, поранешниот генерален директор на „Меркатор“, беше обвинет за даночно затајување при продажбата на 47.000 акции на „Меркатор“ за неговата семејна компанија, а синовите Јуре и Дамијан за соучесништво во тоа.

Обвинителството тврдеше дека тој избегнал да плати данок на капитална добивка од околу 103.000 евра преку серија трансакции во кои биле вклучени две компании во сопственост на неговото семејство, „Електа холдинг“ и „Електа инженеринг“.

Јанковиќ за цело време остна на својата претходна изјава за невиност, а за време на судењето ја обвини обвинителката Бланка Згајнар дека го „малтретирала“ и го злоупотребувала судот.