Во ковид амбулантите во Србија се води тешка и сериозна борба со корона вирусот, во Белград во понеделникот имало 8.000 прегледи, во Нови Сад апелираат граѓаните да доаѓаат три дена по појавата на првите симптоми, јави дописникот на МИА од Белград.
Државниот секретар во Министерството за здравство на Србија, Мирсад Ѓерлек, изјави дека има голем притисок врз здравствениот систем и дека вирусот од ковид болниците се има преместено во ковид амбулантите каде „што се води тешка и сериозна борба против коронавирус“.
Според Ѓерлек, само во понеделникот во Белград имало 8.000 прегледи, а во текот на ноќта уште 700 прегледи.
-Затоа го зголемивме капацитетот на ковид амбулантите, така што во моментов само во Белград имаме 195 екипи на терен, а пред пет дена имаше околу 120 екипи. Ја следиме состојбата секојдневно и се обидуваме да ја организираме службата, кажа Ѓерлек на РТС.
Тој појасни дека невакцинираните имаат потешка клиничка слика, особено постарите пациенти со придружни заболувања и додаде дека зголемувањето на бројот на новозаболени не го зголемило бројот на вакцинирани.
Од Ковид центарот во Нови Сад упатија апел да доаѓаат само оние пациенти кои имаат симптоми. Граѓаните кои имаат само сомнеж или биле во контакт со заразено лице и немаат никакви симптоми- да не доаѓаат.
-Најцелисходно е пациентите да дојдат на првиот преглед три дена по појавата на првите симптоми, бидејќи само така ќе бидат валидни резултатите од тестот што ќе се направи, посочуваат од таму и додаваат дека предвременото пристигнување, при првото појавување на симптомите, може да даде лажно негативен резултат, а по два дена здравствената состојба да се влоши и пациентот тогаш мора повторно да дојде на преглед.
Директорот на Здравствениот дом во белградската општина Савски Венац, Зоран Бекиќ, изјави дека дневно има повеќе од 15.000 новозаразени во Србија, бидејќи голем број од нив не стигнуваат на ред во ковид амбулантите, а оние со поблаги симптоми не одат на тестирање.
-Омикрон сојот се шири пет пати побрзо од другите познати видови и тоа е една од причините за наглото зголемување на бројот на новозаразени во Србија, како и „не толку високото ниво на имунизација“, изјави Бекиќ за ТВ Пинк.
Според него, ниту првата, ниту втората доза од вакцината не им е дадена на 2.300.000 граѓани. Од оние кои стекнаа услов за трета доза, речиси 980.000 не ја примија, што значи дека во Србија има 3,3 милиони луѓе кои се кандидати да добијат корона.