Локалните власти во Финска одбија да ги спроведат строгите мерки за изолација во училиштата за да се запрат инфекциите со коронавирус.

Нивната одлука е донесена и покрај препораките и советите од финската Влада.

Финската министерка за семејство и социјални услуги, Криста Киуру, во петокот предупреди дека коронавирусот би можел да стане најголемата хронична болест во земјата, а во опасност се и децата, пренесуваат британските медиуми. Таа, исто така, изрази стравување дека враќањето во училиштата не е безбедно и ги повика локалните власти да воведат строги карантински мерки, според кои инфекцијата со коронавирус на еден ученик би резултирала со карантин за целото одделение изложено на вирусот.

Главниот епидемиолог во Хелсинки, Таина Исосомпи, за британските медиуми изјави дека општините во главниот град нема да го следат советот на министерката.

-Би било непропорционално во училиштата да се спроведе карантин од поголеми размери, кога тие од самиот почеток не беа ризична средина, рече Исосомпи.

Таа, исто така, додаде дека воведувањето карантински мерки повеќе не е ефикасен начин за контрола на епидемијата.

Повеќе од една година, главната стратегија на владата за борба против пандемијата на коронавирус, наводно, се тестирањето и следењето на инфекциите низ општеството, но оваа недела, локалните власти почнаа отворено да протестираат против мерките.

Финските власти препорачаа сите кои имаат симптоми на вирусот, вклучително и децата, да останат дома на доброволна основа.

Финската Влада не беше во можност веднаш да излезе со коментар за одлуката на локалните власти.