Во три региони во северниот дел на Грција, денеска започнува мобилизација на приватните лекари, кои во период од еден месец ќе помагаат во битката со пандемијата во државните болници, а според министерот за здравство Танос Плеврис се очекува да бидат мобилизирани околу 180 лекари, јави дописничката на МИА од Атина.

Ќе се мобилизираат пулмолози, општи лекари и анестезиолози, кои паралелно ќе имаат можност, да работат и приватно, а споед Плеврис, дополнително, следната седмица ќе се разгледа дали и во Атина ќе биде потребна мобилизација на приватни лекари.

Паралелно, надлежната комисија на епидемиолози од Министерството за здравство на Грција денеска ќе одржи состанок за да ја разгледа епидемиолошката ситуација во земјата и евентуално да препорача укинување или продолжување на актуелните мерки, воведени за време на празниците, односно ограничувањето на работно време на угостителските објекти до полноќ, забраната за музика и стоење што се во сила до 16 јануари.