Европската унија ќе ја одложи исплатата на втората транша од финансиската помош за БиХ во износ од 125 милиони евра бидејќи властите во таа земја не ги исполниле обврските што ги прифатиле при договорот за исплата на помош поради коронавирусот во износ од 250 милиони евра.
Како што потсетува весникот „Независне новине” договорот беше потпишан во декември 2020 година, а се очекуваше втората транша, по одобрувањето на првата транша во јануари минатата година, да биде исплатена во рок од една година. Всушност, БиХ ја доби првата транша дури во октомври минатата година, бидејќи институциите во БиХ го ратификуваа договорот со ЕУ во јули.
Станува збор за заем под исклучително поволни услови, а условот во потпишаниот договор е втората транша да се исплати најрано три месеци по исплатата на првата транша, бидејќи се сметаше дека тоа е период во кој надлежните ќе имаат доволно време да покажат дека се сериозни во однос на обврските што ги презеле при потпишувањето на договорот за заемот.
Како што потврдија за „Независне новине” во Одделот за комуникации на Канцеларијата на ЕУ во Сараево, исплатата на втората транша опфаќа мерки во областа на економското управување и градење институции, стабилност на финансискиот сектор, транспарентност и борба против корупцијата, како и подобро функционирање на пазарот на трудот.
„Имплементацијата на овие мерки и политики ќе бара тесна соработка на сите нивоа на власта. ЕУ ќе ја процени усогласеноста со условите за макрофинансиска помош во наредните месеци”, изјавија тие за „Независне новине”.