„Многу ми е жал што сум во карантин, бидејќи со задоволство би отишол да разговарам со луѓето кои протестираат на плоштадот”. Тоа го изјави бугарскиот премиер Кирил Петков, во директен пренос од својот дом на Бугарската телевизија, коментирајќи ја ескалацијата на тензиите поради протестот на партијата Преродба.

Според него, тој го почитува правото на протест, бидејќи и самиот како граѓанин учествувал на голем број демонстрации.

„Некои од демонстрантите не веруваат во мерките, не веруваат во Ковид-19. Ги повикувам да излезат со 10 луѓе и откако ќе излезам од карантинот в петок – ќе седнам да разговарам со нив за нов модел за надминување на следниот бран”, рече Петков. Премиерот на Бугарија објасни дека е апсолутно здрав и нема симптоми на коронавирус.

Тој беше дециден дека владата не работи под притисок и со досегашниот рекорден морбидитет – зелениот сертификат не може да се укине.

Централниот влез на бугарското Националното собрание во Софија е блокиран одвнатре со маси, откако демонстрантите се обидоа да влезат во зградата.

Митингот против зелениот сертификат го организираше парламентарната партија Преродба.Нивниот лидер Костадин Костадинов не е на протестот, но во видео обраќање ги повика демонстрантите да велзат во зградта на Парламентот. И пратениците од партијата, кои се внатре во Народното собрание, ги повикуваат обезбедувањето да ги пуштат демонстрантите во парламентот.

– Ова не треба да се случува пред бугарскиот парламент, изјави пратеникот од „Демократска Бугарија” Ивајло Мирчев, јави БТА. Мислам дека ова е недостојно, протестите мора да бидат мирни, рече тој и истакна дека секој има право на протест.

Најдобар коментар е едноставно објективно да се размислува за тоа што се случува и секој да суди, нема потреба од коментар, изјави Јавор Бојанков од БСП за Бугарија. Тој потсети дека денеска има повеќе од 100 луѓе кои починале од коронавирус, и повеќе од 7.000 се заразени.

Тој додаде дека мерките во Бугарија се најблаги во Европа и нема причина за протести. Собраниската седница веќе заврши, во зградата се уште има пратеници и новинари, и откажани се комисиските состаноци.