Бугарскиот премиер, Кирил Петков, ги повика на средба претставниците на демонстрантите од партијата „Преродба“, откако тие денеска излегоа на протест пред Народното Собрание против зелениот сертификат и притоа изведоа и насилен обид за упад во зградата, јави БГНЕС.
Петков изрази жалење што поради карантинот што му е воведен, не можел да оди кај приврзаниците на партијата „Преродба“ кои скандираа пред Народното собрание. Но, тој е подготвен да ги слушне нивните идеи во петок, кога очекува да му се симне наметнатата изолација.
Петков уште еднаш изјави дека го прифаќа и почитува правото на секого да протестира, но, не го прифаќа фактот дека протестот, што претходно беше прогласен за мирен, стана обид за упад во собраниската зграда. Обид, во чие спречување настрадаа службениците кои го спроведуваат законот.
Премиерот беше дециден дека на прагот на петтиот бран Ковид не може да се укине зелениот сертификат.
Единствениот начин да се ограничат штетите од пандемијата е масовната вакцинација, повтори премиерот.