Пратеникот на Народната партија на Австрија (ОВП) во Собранието на Виена, Волфганг Кислих, премина во редовите на Партијата на слободата (ФПО) поради одлуката за воведување задолжителна вакцинација против коронавирусот.
Кислих се приклучи на парламентарниот клуб на ФПО, партија која е против епидемиолошките мерки и чиј лидер на федерално ниво, Херберт Кикл, го промовира ветеринарниот лек иверметкин како лек против ковид. Кислих до декември минатата година беше претседател на 11-та виенска општина.
Кислих повеќе од 25 години беше член на ОВП во Собранието на Виена.
– Денеска е еден од најтешките денови во мојот живот, изјави Кислих и додаде дека со задолжителната вакцинација неговата партија ја преминала „црвената линија” за него.
Кислих во последно време е во центарот на вниманието на јавноста бидејќи беше последниот невакциниран пратеник во Собранието на Виена.