Тринаесет лица загинаа, а 30 се повредени, во сообраќајна несреќа во јужниот дел на Филипините, откако камионот во кој се превезувале удрил во дрво, па се превртел, соопшти денеска полицијата.

Инцидентот се случил во градот Балингасаг, во провинцијата Мисамис Ориентал.

Во камионот се возеле 43 патници, меѓу нив имало и деца. Според полицијата и локалната власт, деветмина се починати на самото место на инцидентот, а четири лица во болница, јави ДПА.

Некои патници при ударот излетале од камионот и завршиле под него.

Камионот, дел од колона возила, одел кон плажа на пост-божиќна забава со работници од село Апос Кахој, како и нивните деца.