Актуелните мерки во Грција што се однесуваат на угостителските објекти, исполнетоста на стадионите и работата од дома, продолжени се за уште една седмица, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за здравство на Грција соопштија дека на денешниот состанок на надлежната комисија на епидемиолози биле разгледани епидемиолошките податоци и било одлучено, мерките да се продолжат за уште една седмица.

На 30 декември 2021 година беше воведено ограничено работно време до полноќ за угостителските објекти, забрана за музика, забрана за стоење и најмногу шест гости на маса, спортските натпревари се со публика до десет отсто од капацитетот или најмногу 1.000 лица, а 50 отсто од вработените во јавниот и приватниот сектор работат од дома.

Првично, планирано беше мерките да бидат во сила до 16 јануари, а со денешната одлука, ќе важат до 23 јануари 2022 година.

Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 24.246 случаи на Ковид-19, од 350.180 тестови, починаа 77 лица, а значително е зголемен бројот на пациенти приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во болниците, вкупно 670, што е 30 повеќе од вчера.

Од почетокот на пандемијата, во Грција се потврдени вкупно 1.592.460 случаи на Ковид-19, а починаа 21.637 лица.