На околу 5.000 нелегални странци во 2021 година им беше овозможено „доброволно враќање" во нивната земја на потекло од Франција, во замена за финансиски надоместок, јави дописникот на МИА.
– Со доброволни заминувања во 2019 година дојдовме до 8.000, но запирањето на воздушниот транспорт, здравствените тешкотии нè вратија на околу 5.000 заминувања во 2021 година, наспроти околу 4.500 во 2020 година, објасни Дидие Леши, шеф на француската канцеларија за имиграција и интеграција (ОФИИ).
Шефот на Офии беше на сослушување од Правната комисија на Националното собрание пред парламентарното гласање за негово назначување за нов мандат на чело на канцеларијата што раководи со овие „доброволни враќања". Државата нуди платен лет и најмалку 1.850 евра за да се поттикне странецот кој сака да ја напушти Франција да се врати во својата земја.
-Се наоѓаме во многу тежок период од гледна точка на враќање (до граница) поради здравствената криза, подвлече Дидие Леши.
Според него, еден од предизвиците во следниот негов мандат ќе биде повторното почнување на многу проактивни акции за доброволни заминувања, од кои дел потоа ќе имаат корист од помошта за реинтеграција во земјата на потекло.
-Ми се чини важно да се осигурам дека луѓето, штом веќе немаат дозвола за престој, ќе се вратат во најдобри услови во нивната земја на потекло и да ги стабилизираме со тоа што ќе им дозволиме да развијат економска активност, додаде генералниот директор на Офии