Престижниот британски весник „Економист“ објави текст во кој тврди дека го пренесува реалниот број на починати од почетокот на пандемијата, со што ги побива бројките што ги објавуваат одговорните институции на државите.
-Економист обработил податоци од 186 земји во светот, вклучително и нашата земја, и заклучил дека бројот на жртвите од Ковид-19 не е 5,5 милиони, туку околу 19,1 милиони. Оваа бројка е речиси четири пати поголема од она што државите официјално ја објавија, пренесува албанската агенција Балкан веб.
Во однос на Албанија, „Економист“ проценува дека реалниот број на починати од пандемијата се движи од 12 до 15 илјади, додека во официјалната статистика на Министерството за здравство тој број е 3.247 смртни случаи.
И албанските здравствени експерти од оваа област, како и поранешни министри за здравство, во повеќе наврати посочуваа дека реалната бројка на починати како последица од опасниот вирус е неколкупати повисока од официјално соопштената.
– Во Албанија од Ковид имаме над 16 илјади загубени живот, меѓу нив 50 лекари. Бројка која се крие од надлежните. Тие ги евидентираат само починатите во болнички услови, но не сите, односно само оние кои немале други заболувања, туку биле заразени само од овој вирус. Надлежните ја прикриваат и вкупната реална бројка на позитивни, изјави неодамна Тритан Шеху, поранешен албански министер за здравство, познат лекар анестезиолог-реаниматор и универзитетски професор.
Неодамна и албанската Академија на науки излезе со податок дека во земјата бројот на заразени со Ковид-19 е трипати повисока од официјално објавената, која до вчера изнесува 222.664 лица.