Претседателскиот кандидат на ЛР (Републиканците), Валери Пекрес, го критикуваше Емануел Макрон, „претседателот – кандидат“, дека со голема екипа зад себе веќе води кампања на сметка на даночните обврзници, барајќи од него да ја симне маската и да каже дека е кандидат, јави дописникот на МИА.
-Она што се случи во понеделникот е сè уште запрепастувачки: имаме претседател-кандидат, во реалноста кандидат Емануел Макрон, кој доаѓа во Ница со средствата на државата, со средствата на даночните обврзници, со голема екипа, да објави претседателска програма за 2030 година, се пожали на ТВ Франс 2 претседателката на регионот Ил-де-Франс за посетата на шефот на француската држава на тема безбедност.
-Тоа е скандалозно, додека ние водиме кампања со нашите средства кои се скромни, продолжи Валери Пекрес. „Долу маските, Емануел Макрон е кандидат“, рече таа.
-Тоа не е претседател на Републиката што го видовме во Ница во понеделникот, тоа беше навистина патување на кандидат за безбедност, додаде таа, изразувајќи жалење за растечката несигурност за време на петгодишниот мандат, на рекордното ниво, што Емануел Макрон се обидува да го заборави.
Претседателот на републиканците Кристијан Жакоб вчера се обрати до комисијата за сметки за кампањата и Арком (поранешна аудиовизиуелен совет) за да ги предупреди за трошоците поврзани со патувањето на квази-претседателскиот кандидат Емануел Макрон.
Ден по патувањето во Ница, каде што шефот на државата го презентираше својот извештај и најави зголемување на буџетот за безбедност, Кристијан Жакоб во своето писмо, ги наведе „бројните патувања и интервенции во медиумите кои ги повтори претседателот на Републиката во овој предизборен период, кога нема дилема дека ќе биде кандидат за свој сопствен наследник“.
-Би сакал да ги знам модалитетите на контролите спроведени од страна на комисијата, во рамките на претседателските избори, за да се осигура дека користењето на јавните ресурси е во согласност со прописите, напиша тој во ова писмо до Жан- Филип Вачија, претседател на Комисијата за сметки на изборната кампања.
Тој, исто така, сака „да има потврда дека трошоците што одговараат на оваа политичка активност ќе бидат земени предвид при пресметката на овластените плафони за финансирање“ на претседателската кампања.