Зголемените шпионски активности во Данска ги загрижија тамошните разузнавачки служби. Ова стои во извештајот објавен денеска, во момент кога шефот на воената разузнавачка служба е во притвор под обвинение за протекување на доверливи документи.
„Некои странски земји активно спроведуваат разузнавачки активности против Данска, а заканите од шпионажа се зголемени во последните години”, соопштија данските разузнавачки служби, пренесува Хина.
Заканата, која вклучува шпионажа, вознемирување, обиди за нелегално стекнување производи, технологија и знаење и, во исклучителни случаи, обиди за атентат, се протега и на данските автономни територии, Фарските Острови и Гренланд, особено поради интересот за Арктикот.
Според извештајот, заканата доаѓа првенствено од Русија, Кина и од Иран.
-Кина прави големи напори во однос на преносот на технологија и знаење, појасни шефот на данската разузнавачка служба Андерс Хенриксен за „Политикен”. Според него, постои латентна закана и во форма на студентска размена.
Четворица сегашни и поранешни вработени од две дански разузнавачки служби беа уапсени во декември поради објавување на многу доверливи информации.
Шефот на воената разузнавачка служба, Ларс Финдсен е единствениот кој останува во притвор додека трае истрагата. Во понеделникот, данската телевизија извести дека нему му е одреден притвор, поради вмешаност во случај со протекување на „многу доверливи” информации. Случајот се води зад затворени врати и за него власта објави многу малку информации.
Според телевизијата, случајот е околу протекување доверливи информации за данските медиуми