Претседателката на норвешкиот Парламент Ева Кристин Хансен поднесе оставка поради скандалот со станот во кој живее, само неколку недели по преземањето на функцијата.

Кристин Хансен (49) беше избрана во октомври со ветување дека ќе ја зголеми довербата во норвешката политика. Но, таа поднесе оставка само неколку недели откако се покажа дека користи стан во Осло, финансиран од даночни обврзници и покрај тоа што има свој дом во близина.Избраните функционери во политиката имаат право на домување во главниот град доколку живеат на повеќе од 40 километри возење од зградата на Парламентот во Осло. Хансен ја наведе својата втора адреса, во Трондхајм, како нејзина официјална резиденција, оддалечена 500 километри, со што доби можност да користи еден од 143-те опремени станови во државна сопственост.

Заедно со сопругот во 2014 година купила куќа во Ски, на само 29 километри од Осло, но продолжила да живее со скратено работно време во Трондхајм и ја сменила официјалната адреса до 2017 година, кога се откажала од државниот стан.Ева Кристин Хансен, пратеничка од Лабуристичката партија, рече дека немала намера да ги прекршува правилата, но призна дека скандалот ја поткопал нејзината позиција како претседател на Парламентот.„Јас не сум измамник. Не сакав да направам ништо лошо. Не се збогатив. Плаќав кирија во Трондхајм и хипотека во Ски. Навистина е лошо што како претседател на Парламентот погрешно ги разбрав прописите“, изјави Кристин Хансен за „Adresseavisen“.