Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, денеска повтори дека ЕУ го поддржува интегритетот и територијалниот суверенитет на Украина и ја предупреди Русија да не презема чекори кои дополнително ќе ја загрозат стабилноста и безбедноста на таа земја.
– Секоја натамошна агресија врз Украина ќе има големи и сериозни последици за Русија, рече Борел.
Борел од Брест, во Франција, каде се одржува неформален состанок на министрите за безбедност на ЕУ, ги отфрли шпекулациите дека ЕУ е исклучена од разговорите што САД и Русија ги почнаа за безбедносните прашања на европскиот континент, фокусирајќи се на деескалација на тензиите во и околу Украина.
Тој нагласи дека ЕУ е во постојан контакт со администрацијата во Вашингтон, „на сите нивоа”, почнувајќи од претседателските, преку шефовите на дипломатиите и други.
– Разговорите и координацијата меѓу ЕУ и САД се континуирани. Така ќе биде и во иднина. Имаме гаранции дека ништо нема да се договори за европската безбедност без учество и консултации со Европејците, рече Борел.
Шефот на дипломатијата на ЕУ денеска порача дека ЕУ ја продолжува својата поддршка за Украина, помагајќи да се зајакне отпорноста на земјата против хибридните напади, кибер нападите, како и со финансиска помош од 30 милиони евра за зајакнување на логистичките капацитети на украинската армија.