Русија денеска соопшти дека не ја исклучува можноста за испраќање воена опрема во Куба и Венецуела во случај на растечки тензии со САД, што значително го зголеми влогот на оваа земја во спорот со Западот околу Украина.
Заменик шефот на руската дипломатија, Сергеј Рјабков, кој вчера ја предводеше руската делегација на разговорите со САД во Женева, изјави дека нема ниту да ја потврди, ниту да ја исклучи, можноста Русија да испрати воена опрема на Куба и Венецуела.
-СÈ ЗАВИСИ ОД ПОТЕЗИТЕ НА НАШИТЕ АМЕРИКАНСКИ КОЛЕГИ, РЕЧЕ РЈАБКОВ, ДОДАВАЈЌИ ДЕКА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЛАДИМИР ПУТИН ПРЕДУПРЕДИЛ ДЕКА РУСИЈА МОЖЕ ДА ПРЕЗЕМЕ ВОЕНО-ТЕХНИЧКИ МЕРКИ ДОКОЛКУ САД ЈА ИСПРОВОЦИРААТ МОСКВА И ГО ЗГОЛЕМАТ ВОЕНИОТ ПРИТИСОК ВРЗ НЕА.
На преговорите со САД во Женева во понеделникот и на вчерашниот состанок на Советот НАТО-Русија во Виена не се намали јазот меѓу двете страни за безбедносните барања на Москва кон Западот, во време на натрупани руски војници во близина на границата со Украина.
Москва бара гаранции од Западот дека НАТО нема да се шири во Украина и другите поранешни советски земји, што САД и нивните сојузници категорично го отфрлија.
Рјабков кажа дека одбивањето на САД и нивните сојузници да го разгледаат клучното руско барање, давање гаранции за неширењето на НАТО на исток, го доведува во прашање продолжувањето на преговорите.
Западот проценува дека Русија распоредила околу 100.000 војници подготвени да се борат во близина на границата со Украина, како и тенкови и друга воена опрема.
Руската акумулација на војници и оружје предизвика длабока загриженост во Киев и Западот за тоа дека Москва се подготвува за инвазија на Украина.
Русија негира дека планира инвазија и за возврат го обвинува Западот дека ја загрозува неговата безбедност со распоредување воен персонал и опрема во Централна и Источна Европа.