Британската кралица Елизабета Втора му ги одзеде сите кралски и воени титули на принцот Ендру поради тужбата што против него ја поднесе Вирџинија Џуфре, жената која тврди дека тој ја злоставувал кога била малолетна.
Бакингамската палата преку соопштение наведе дека „со одобрение и согласност на кралицата, воената припадност и кралското покровителство на војводата од Јорк се вратени на кралицата. Војводата од Јорк во иднина веќе нема да презема никакви јавни должности и во овој случај ќе се брани како приватен граѓанин“.
Американскиот суд вчера ја отфрли жалбата на принцот Ендру и против него се уште е активно обвинението за сексуална злоупотреба на малолетничка. Тој е тужен од Вирџинија Џуфре, која тврди дека принцот сексуално ја злоставувал кога имала 17 години.
Си-Ен-Ен пренесе дека Џуфре во тужбата навела дека покојниот филмски продуцент Џефри Епштајн тргувал со нејзиното тело и ја принудувал на секс со неговите пријатели, меѓу кои бил и принцот. Таа тврди дека Ендру ја злоставувал и во куќата на Епштајн на Менхетен и на неговиот приватен остров на Американските Девствени Острови. Таа додава дека принцот Ендру бил свесен дека таа во тоа време била малолетна.
Окружниот судија од Њујорк Луис А. Каплан вчера изјави дека адвокатите на принцот не успеале да ја оспорат уставноста на тужбата поднесена од Вирџинија Џуфре во август. Имено, неговите адвокати рекоа дека нејзината тужба не е јасно составена и дека треба да биде невалидна поради договорот со адвокатите на Џефри Епштајн од 2009 година.
Тие тврдеа дека тужбата на Џуфре ги прекршила условите на спогодбата во која Епштајн и исплатил 500.000 долари за да се откаже од случајот против него и другите инволвирани лица. Но, во спогодбата не го споменува експлицитно името на принцот.
Тужбата на Џуфре не е „неразбирлива“, „нејасна“ или „двосмислена““, напиша судијата Луис во пресудата. „Таа наведува дискретни инциденти на сексуална злоупотреба во одредени околности на три препознатливи локации. Исто така, наведува кој точно учествувал во сексуалната злоупотреба“, додаде судијата