Водачите на косовските државни институции, претседателката на државата, Вјоса Османи, собранискиот спикер, Глаук Коњуфца и премиерот Албин Курти денеска повторија дека за референдумот што в недела, на 16 јануари, ќе се одржи во Србија, ќе можат да гласаат Србите со двојно државјанство, но само по пошта, или во Канцеларијата за врски на Србија во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во заедничкото соопштение на Османи, Коњуфца и Курти, по нивната средба со претставникот на Европската унија во Приштина и со амбасадорите на таканаречената Квинта, односно петте највлијателни западни земји кои имаат дипломатски претставништва во Косово – САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција – се наведува дека отворањето гласачки места во северно Косово за референдумот во Србија би претставувало „јасно кршење на Уставот и законите на Косово, како и на меѓународните практики“.

– Освен што повторно се нагласи дека српските граѓани во Косово кои имаат двојно државјанство ќе имаат право да гласаат согласно меѓународните стандарди и практики, значи по пошта или во Канцеларијата за врски, институциите јасно ставија до знаење дека отворањето гласачки центри на Србија на територијата на Косово претставува јасно кршење на Уставот и законите на Косово, како и на меѓународните практики, се наведува во соопштението.

Според челниците на највисоките косовски државни институции, „дотолку повеќе, еден таков чин би претставувал кршење на територијалниот интегритет од страна на Србија во однос на независноста и суверенитетот на косовската држава“.

Тие ја повикаа меѓународната заедница „да применува кон Косово исти стандарди како и кон секоја друга држава“, затоа што, како што напоменуваат „независноста на Косово не само што е признаена од мнозинството демократски држави во целиот свет, туку е и запечатена од страна на Меѓународниот суд за правда“.

Досегашните практики на организирање гласање за косовските Срби на избори во Србија, спроведувани со асистенција на ОБСЕ, според новите косовски власти, произлезени од парламентарните избори во февруари минатата година, биле неуставни и не ги обврзуваат институциите во Приштина.

– Косовскиот Устав, законите кои се во сила во Косово, како и меѓународното право и меѓународната пракса не го познаваат правото на една држава да реализира референдум на суверена територија на друга држава. Затоа, досегашните практики кои се применуваа од 2012 година беа неуставни и, следствено, не ги обврзуваат сегашните институции на Република Косово произлезени од јасната волја на граѓаните изразена на 14 февруари 2021 година, порача косовскиот државен врв.

Османи, Коњуфца и Курти ги повикаа сите демократски држави да го поддржат Косово во неговите напори да ги запрат „постојаните дејствија на Србија кои ги минираат суверенитетот, територијалниот интегритет и државноста на Косово“.

Тие предупредуваат дека Белград, според „рускиот модел“, настојува да го дестабилизира целиот регион.

– Дотолку повеќе, оваа српска пракса, која го следи рускиот модел, има целосна поддршка од Рсуката Федерација, со што се докажува нивната тенденција за брза дестабилизација на нашиот регион и поништување на успесите кои Косово и регионот ги постигнаа во партнерство со пријателските демократски земји, се вели во соопштението.

Ставот на Владата, на претседателката на Републиката и на претседателот на државата за неотворање гласачки места во Косово за референдумот во Србија јавно го поддржаа и сите опозициски партии на косовските Албанци.

Против организирањето такво гласање се изјаснија и Советот за заштита на човековите права и слободи на Косово (КМЛДЊ) и други невладини организации, кои порачаа дека тоа би претставувало „тешко газење врз суверенитетот на косовската држава“.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во средата предупреди дека последиците од недозволувањето на косовските Срби да гласаат на референдумот „ќе бидат многу потешки од тоа што можат да го замислат Албанците и Квинтата“, додека амбасадорите на Квинтата, ден подоцна, побараа од Владата на Курти да им овозможи на Србите да гласаат, како што тоа го правеле досега со посредство на ОБСЕ.

Граѓаните на Србија на референдумот в недела треба да се изјаснат дали се „за потврдување на актот за промена на Уставот на Република Србија“.