Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ денеска соопшти дека има потешкотии при организирањето на референдумот за промена на делот од Уставот поврзан со правосудството, закажан за в недела, на 16 јануари, бидејќи составот на избирачките одбори постојано се менува поради заразување со коронавирус, јави дописникот на МИА од Белград.
Дачиќ за ТВ Прва изјави дека е прашање и како да им се овозможи гласање на оние кои се позитивни на коронавирусот.
– Короната е толку непредвидлива, постојано се менува составот на избирачките одбори постојано некој се разболува. Постои можност да се гласа и надвор од избирачкото место. Мора да го земеме предвид и здравјето на оние што ќе одат да ги соберат тие гласови, изјави Дачиќ.
Тој кажа дека ова е „прв референдум организиран според новите правила” и дека е обврзувачки и „неопходен чекор кон евроинтеграциите“.
Тој додаде дека по совет на Венецијанската комисија „заинтересираните треба да излезат и дека е потребно мнозинството од оние кои се заинтересирани да одлучуваат за тоа”.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ ги повика граѓаните утре да излезат на референдум и да гласаат за промена на Уставот во областа на правосудството, што ќе донесе поголемо владеење на правото, независно судство и обвинителство и посилни институции во земјата.
Граѓаните на Србија утре ќе имаат можност да одговорат со „да” или „не” на прашањето „Дали сте за утврдување на актот за промена на Уставот на Република Србија?”.
Уставот се менува во областа на правосудството за да се усогласи српското законодавство со европското законодавство во процесот на пристапување на Србија во ЕУ, а промените се однесуваат на начинот на кој се избираат судии и обвинители за да се намали влијанието на политиката во процесот бидејќи нив повеќе нема да ги избирани српскиот парламент, туку од Високиот судски совет и од Високиот совет на обвинители.
За успешен референдум потребно е мнозинство од излезените потврдно да гласаат за измени на Уставот.