Главните преговарачи на Иран и европските земји задолжени за иранските нуклеарни преговори се вратија во своите земји на кратки консултации откако виенските преговори влегоа во „деликатна“ фаза, соопшти денеска иранската државна агенција.
„Главните преговарачи ќе се вратат во Виена за два дена“, соопшти агенцијата Ирна, додавајќи дека преговорите на експертско ниво ќе продолжат денеска и утре во главниот град на Австрија.
„Сега сме во фаза на преговори кога се разговара за тешки прашања и како можеме писмено да ги преведеме темите за кои начелно се договоривме“, пренесе Ирна.
Преговорите во Виена продолжија кон крајот на ноември, по петмесечна пауза во разговорите меѓу Иран и земјите кои сè уште се членки на меѓународниот договор за иранското прашање постигнат во 2015 година (Франција, Велика Британија, Германија, Русија и Кина).
Целта на преговорите е да се постигне враќањето на САД во договорот и да се убеди Иран да ги почитува обврските предвидени со тој договор.
Во преговорите индиректно учествуваат и САД.
Договорот постигнат во 2015 година му овозможи на Иран да ги ублажи меѓународните санкции во замена за драстично намалување на неговата нуклеарна програма, ставена под строга контрола на ОН и гаранции кои докажуваат дека не се стреми да произведе атомска бомба, како што Иран постојано повторува.
Мешутоа, во 2018 година, САД, по налог на претседателот Доналд Трамп, се повлекоа од договорот и потоа повторно воведоа економски санкции кон Иран, а како одговор на тоа Иран од 2019 година престана да ги почитува повеќето клучни обврски преземени според договорот.
„Ние сме во фаза на деталите, најтешкиот дел од преговорите, но неопходен за да ја постигнеме нашата цел“, наведе Ирна.
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел вчера истакна дека атмосферата во Виена е подобра и оцени дека „во следните неколку недели“ ќе може да се постигне договор.