Полицијата на Косово објави дека на граничниот премин Мердаре на косовско-српската граница синоќа имало обид за внес во земјата на материјал, за кој постои сомневање дека бил наменет за гласање за референдумот што утре ќе се одржи во Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението во врска со настанот се наведува дека биле запрени едно патничко возило и два камиони со српски регистерски таблички, со кои патувале шест лица.
– На 14.01.2022, во 21.40 часот, на граничниот премин Мердаре кој ги поврзува Србија и Република Косово (РКС), за влез во нашата држава допатуваа три возила (едно патничко возило и два камиони) со српски регистерски таблички, во кои се наоѓаа шест лица. Полициските единици при реализацијата на задачите и процедурите-контролите кои се спроведуваат при преминувања на границата, забележале дека во камионите бил натоварен материјал за кој се постои сомневање дека се користи за референдумот кој се очекува да се одржи во Србија. Врз основа на официјалните информации, задачите и овластувањата на полицијата, забранет е влезот во РКС на овој материјал кој се превезуваше без соодветна дозвола, соопшти косовската полиција.
Во соработка со правните органи, се вели во соопштението, двата камиони се предадени на надлежните царински власти, додека по интервјуирањето лицата со нивното патничко возило биле вратени назад во Србија.
Косовските власти објавија дека нема да дозволат организирано гласање на Србите од северот на земјата за референдумот во Србија, односно граѓаните со двојно држајанство ќе можат да гласаат по пошта, или во српската Канцеларија за врски во Приштина.
Во минатото, од 2012 година, косовските граѓани од српска нациналност можеа да учествуваат во изборните процеси во Србија, при што за гласањето во Косово асистираше мисијата на ОБСЕ во земјата. Меѓутоа, Владата на Албин Курти оцени дека организирањето гласање за референдум на друга држава во Косово претставува кршење на Уставот и законите и повреда на суверенитетот на Косово.
Курти, заедно со претседателката на државата, Вјоса Османи и претседателот на републичкото Собрание, Глаук Коњуфца, вчера го отфрлија и барањето на амбасадорите на ЕУ и на таканаречената Квинта, односно петте највлијателни западни земји кои имаат дипломатски претставништва во Косово – САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција – да им овозможат на локалните Срби да гласаат како што тоа го правеле досега со посредство на ОБСЕ.
Граѓаните на Србија на референдумот в недела треба да се изјаснат дали се „за потврдување на актот за промена на Уставот на Република Србија“.