Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок пред посетата на Киев и Москва ја истакна подготвеноста на Западот да преговара со Русија за смирување на тензиите околу украинскиот конфликт.
„Подготвени сме за сериозен дијалог за билатералните договори и чекорите што ќе донесат поголема безбедност за сите во Европа, вклучително и Русија”, рече Бербок пред да замине за Киев.
Во исто време, Бербок нагласи дека Западот „не може и нема да прави отстапки за основните принципи, како што се територијалниот интегритет, слободата на избор на сојузи и блокови и отфрлање на насилството како политичко средство”.
„Ние сме решени да одговориме ако Русија наместо тоа избере пат на ескалација”, предупреди таа.
Министерката Бербок рече дека внимателно ќе ги сослуша своите соговорници во Киев и Москва, но во исто време ќе ја пренесе позицијата на Западот „со целосна јасност”.
Шефот на германската дипломатија посочи дека ќе укаже на подготвеноста на земјите за дипломатско решавање на конфликтот и да придонесе за заживување на Нормандискиот формат, во кој Украина, Русија, Германија и Франција разговараат за украинската криза.