Германската министерка за Европа, Ана Лирман, по денешната посета на Скопје, утре ќе престојува во Тирана, што е нејзина прва посета на двете земји, јави агенцијата Балкан веб.
Лирман ќе се сретне со премиерот Еди Рама, со заменик министерката за Европа и надворешни работи, Меги Фино, во отсуство на министерката Олта Џачка, која отпатува за САД за да учествува на отворената дебата во Советот за безбедност на ОН на тема „Жените, мирот и безбедноста“.
Таа ќе оствари средба со претставници на граѓанското општество и со Алберт Хани, претседател на регионалното биро за младинска соработка, јави дописничката на МИА од Тирана.
– Во фокусот на разговорите ќе бидат билатералните односи меѓу двете земји, економско – политички прашања, како и европската перспектива. Германската министерка во Тирана ќе разговара и за улогата на Албанија како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, пренесува агенцијата.