Високи претставници од ЕУ, НАТО, САД и ОБСЕ синоќа телефонски разговарале за се понапнатата ситуација меѓу Украина и Русија.

Како што пренесуваат странските агенции, разговараа министерот за надворешни работи на ЕУ Жозеп Борел, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, државниот секретар на САД Ентони Блинкен и полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау, кој претседава со ОБСЕ.

„Се разговараше за прераспоредувањето на руските сили долж границата со Украина, како и за тековните билатерални и меѓународни дипломатски напори во врска со обидите на Москва да ги редефинира безбедносните аранжмани во Европа“, се вели во соопштението.

Во соопштението се нагласува дека уште еднаш е потврдена потребата од одржување на основните принципи на „постоечката архитектура на европската безбедност во рамките на ОБСЕ“.

Се додава дека телефонските разговори биле остварени по консултации со сите партнери и пред следната рунда преговори меѓу САД и Русија.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во неколку наврати повтори дека обвинувањата дека Русија подготвува инвазија на Украина се „празни и неосновани“.