Нуклеарната енергија во ЕУ се произведува во 13 земји-членки, а најголем производител е Франција, која од реакторите покрива повеќе од половина од вкупното производство.
Во 2020 година, 13 земји-членки на ЕУ произвеле 683.512 GWh во нуклеарните централи, или речиси 25 отсто од вкупното производство на електрична енергија во Унијата, покажуваат податоците на Евростат.
Уделот на Франција во производството на енергија од нуклеарните централи во ЕУ е 52 отсто, а следуваат Германија и Шпанија со девет отсто и Шведска со седум отсто.
Овие четири земји заедно обезбедуваат повеќе од три четвртини од електричната енергија произведена во нуклеарните капацитети на ЕУ.
Европската статистичка служба соопшти дека на почетокот на 2020 година, 13 членки на ЕУ имале во функција вкупно 109 нуклеарни реактори.
Исто така, се наведува дека таа година трајно биле затворени три нуклеарни реактори, два во Франција и еден во Шведска.
Сепак, Франција е членка на ЕУ која најмногу зависи од енергијата од нуклеарните реактори, кои во 2020 година обезбедиле 67 отсто од вкупната произведена електрична енергија.
Само Словачка (54 проценти) произведува повеќе од половина од својата електрична енергија во нуклеарните централи.
Граѓаните на ЕУ инаку се поделени по прашањето за нуклеарната енергија.
Како што покажаа дебатите на граѓаните во рамки на Конференцијата за иднината на Европа, едни сметаат дека нуклеарната енергија не е добра за животната средина, други сметаат дека јагленот е уште полош, а трети стравуваат дека енергијата ќе биде уште поскапа доколку се затворат нуклеарните централи.
Во меѓувреме, група експерти кои ја советуваат Европската комисија за зелени финансии ги критикуваа плановите на Брисел да ги означи гасот и нуклеарната енергија како „преодни“ извори на енергија во класификацијата за одржливо финансирање на ЕУ (таксономија).
Платформата за одржливо финансирање на ЕУ, во своето мислење објавено денеска, го отфрли предлогот на Комисијата и посочи дека гасот и нуклеарната енергија не можат да се сметаат за зелени во сегашните околности, пишува EURACTIV.com.