Во својот текст за развојот на „бизарната“ сага со Ѓоковиќ, извршната уредничка на „Foreign policy“, Амелија Лестер, Австралијанка која пишуваше и за Њујорк Тајмс и Економист, објаснува зошто укинатата виза на тенисерот е поради политика, а не поради здравје, илустрирајќи како целата приказна открила обиди на австралиската Влада да го сокрие лошото управување со пандемијата.
-Ова не е приказна за спорт или триумф на науката над дезинформациите, туку за политика, пишува во својот текст, извршната уредничка на „Foreign policy“, Амелија Лестер.
Според неа, српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, кој „прв во својата професија освоил 100 милиони долари од парични награди и кого многумина го сметаат за најголемиот тенисер на сите времиња“, на прв поглед нема многу заедничко со еден бегалец од Авганистан.
Но, пишува Лестер, задржувањето на Ѓоковиќ по влегувањето во Австралија од страна на имиграционите службеници „ја откри казнената и арбитрарна природа на имиграцискиот систем во Австралија“ – токму како што тоа го направи пред 20 години случајот на една група баратели на азил од Авганистан, кои бегале од талибанскиот режим.
Тој случај, кој според Лестер е клучен за разбирањето на тоа како е Ѓоковиќ третиран, станал познат и како „Аферата Тампа“. Тогаш, во август 2001 година, екипажот на норвешкиот товарен брод „МВ Тампа“ спасил 433 авганистански мигранти од брод што тонел во близина на Австралија.
Кога Норвежаните се обиделе да ги доведат спасените Авганистанци во Австралија, тогашниот премиер Џон Хауард испратил војска да го пречека бродот „МВ Тампа“ и не дозволил мигрантите да зачекорат на територијата на Австралија.
Истиот ден, премиерот во Собранието го вовел Законот за заштита на границите, што важел и ретроактивно и им забранувал на сите „неовластени поединци“ да зачекорат на територијата на Австралија, дури и во случаите на барање статус на бегалец.
Но, тој закон не постоел кога Авганистанците, кои побарале азил го започнале своето патување и напуштиле сè зад себе за да допатуваат во Австралија.
Спротивно на тој закон, постоеле различни меѓународни договори, вклучувајќи ја и Конвенцијата за бегалци од 1951 година, кои, како што пишува Лестер, „ги навеле Авганистанците кои бегаат од војна да патуваат во Австралија, верувајќи дека таму ќе може да поднесат барање и најверојатно би добиле азил“.
-Меѓутоа, како и со Ѓоковиќ, се покажа дека правилата се поинакви на местото на влегување, пишува уредничката.
Наместо во Австралија, жените и децата од бродот завршиле на Нов Зеланд, додека повеќето мажи биле испратени на островот Науру, каде некои со години чекале одговор од страна на австралиската Влада. Многу семејства кои за малку ќе ги изгубеле животите во близина на Австралија во август 2001, не се соединиле повторно сè до 2004 година.
Според зборовите на Лестер, „за тогашниот премиер Џон Хауард, непосредниот исход беше посреќен“.
-Цврстиот став кон границите на државата стана камен темелник на неговата успешна кампања за реизбор во ноември 2001 година. Незаборавното ветување кое тој го даде во својот говор по инцидентот со Тампа – дека тие „одлучуваат кој влегува во оваа земја и под кои околности“ – стана неофицијален слоган на кампањата на Хауард, но и план за пат до победата на конзервативните австралиски политичари во следните години, објаснува Лестер.
Скандалот со Ѓоковиќ, смета таа, треба да се набљудува во контекст на победата на изборите која би била многу отежната во отсуство на будност кога е во прашање миграцијата.
Вистина е дека Ѓоковиќ покажа скептичност кон вакцините и дека неговото одбивање да се вакцинира ги охрабри австралиските граничари да не му дозволат да влезе. И да, Ѓоковиќ е светскиот број еден во машки тенис – но обидот „Тенис Австралија“ да му даде „ослободување“ од вакцинација беше неовластен, пишува Лестер.
Ова е за првото одбивање на визата на Ѓоковиќ – одлука која е подоцна поништена пред Федералниот суд поради што Ѓоковиќ не добил доволно време да најде адвокат.
Со укинувањето на неговата виза по втор пат, Владата во Австралија ги „откри своите мотиви“, смета Лестер и појаснува:
-Причината за откажувањето на визата не беше неговиот неуспех да се вакцинира или прекршување на правила по позитивниот ковид тест. Наместо тоа, на Ѓоковиќ визата му е укината поради „здравје и ред, врз основа на фактот дека тоа било во јавен интерес“ – но и како последица на вонредна уредба на австралискиот министер за имиграција, Алекс Хоук, поради која се повикува на „божествените сили“ на канцеларијата.
Како што адвокатот на Ѓоковиќ укажа, продолжува Лестер, оваа одлука не го зема во предвид впечатокот, што би можел да го има депортацијата на Новак врз антиваксерското расположение во Австралија.
На пример, дојде до протести за поддршка на Ѓоковиќ во Мелбурн, всушност мали, во кои навивачите се прскани со солзавец, а полицијата повредена. Покрај тоа, Австралија моментално има толку случаи на заразени со ковид со што „можниот ефект на Ѓоковиќ врз тие бројки би бил занемарлив, па оправдувањето за укинување на визата на министерот Хоук би го направило беззначајно“.
Во своето обраќање пред јавноста минатата недела, сегашниот премиер изјави дека австралиската Влада е „цврсто посветена да ги заштити австралиските граници“.
-Нема посигурен знак дека изборите се неизбежни од жестоки приказни за заштита на границите – во чие име Ѓоковиќ беше притворен во имиграциска установа, пишува уредничката и додава дека австралиската Влада се надева дека со укинувањето на визата на Ѓоковиќ, „му фрлила црвено месо на народот“.
Таа укажува и на тоа како неодговорените прашања кои остануваат со австралиската Влада, како на пример: Ако е, како објаснила Владата, пуштање на невакцинирани во државата против граничната политика на Австралија, зошто на Ѓоковиќ воопшто му е издадена виза?
-Политичка алчност е едно, но неспособноста која се откри со владиното раководење во случајот со Ѓоковиќ го прави ова помала победа отколку што тие си мислат, заклучува Лестер.
„Колку и да звучи чудно, приказната на Ѓоковиќ фрли непријатно светло на две децении неограничен притвор внатре, како и надвор од австралиските граници за некои од најзагрозените луѓе на светот“.