Колумбиските безбедносни сили убија еден од водечките челници на дисидентите на ФАРК во операција во провинцијата Каука на југозападот на земјата, соопшти синоќа претседателот Иван Дуке.
Евклидес Еспана, попознат како Џониер, беше водач на дисидентската фракција на демобилизираните Револуционерни вооружени сили на Колумбија (ФАРК) предводени од Џентил Дуарте, која не го признава мировниот договор од 2016 година меѓу ФАРК и колумбиската влада.
Со Договорот бунтовничкото движење стана легална политичка партија, што доведе до драматично намалување на насилството, иако голем број вооружени групи продолжуваат да дејствуваат против владата, вклучително и дисиденти на ФАРК.
– Кој ќе направи злосторство ќе ја плати цената, рече Дуке во видео пораката, придружуван од министерот за одбрана Диего Молан и полициските и воените лидери. – Денеска, Џониер, симбол на злото на југозападна Колумбија и важен водач на дисидентите на ФАРК, е неутрализиран, додаде тој.
Еспана имаше седум дисидентски групи ФАРК под своја команда кои припаѓаа на фракцијата предводена од Дуарте, соопшти колумбиската полиција.