Околу 790 лица вклучени во минатогодишните антивладини протести во Куба се обвинети за противдржавни активности, напади, несоодветно однесување, кражби и други злосторства. Ова денеска го соопшти канцеларијата на кубанското државно обвинителство.

Куба ги отфрли наводите на групите за човекови права и дипломати дека нејзиниот правосуден систем неправедно ги приведувал демонстрантите по масовните протести во јули, тврдејќи дека судењата биле фер и во согласност со кубанскиот закон.

Протестите одржани на 12 и 13 јули се најголемите вакви собири од револуцијата на Фидел Кастро во 1959 година, а илјадници луѓе излегоа на улиците во градовите ширум земјата. Многумина од нив изразија гнев кон владата поради недостигот на храна, лекови и електрична енергија, во услови на растечки инфекции со коронавирус. Протестите беа главно мирни, иако државните медиуми покажаа дека некои демонстранти ограбуваат и фрлаат камења врз полицијата.

Протестот беше проследен со бран апсења. Кубанското обвинителство соопшти дека досега поднело околу 790 обвиненија. Групите за човекови права, американската влада и ЕУ го осудија гонењето на демонстрантите, велејќи дека постапката била нетранспарентна и дека долгите затворски казни се непропорционални.

Кубанскиот државен обвинител ги нарече наводите „манипулација со јавното мислење“, велејќи дека обвинителството го проверило „усогласеноста со правата и уставните гаранции за правилен процес“ според кубанскиот закон. Беше загарантирано правото на одбрана, адвокатите доставија докази и имаа пристап до документите“, велат од обвинителството.

Речиси 70 отсто од обвинетите се задржани во притвор додека трае судењето, соопшти обвинителството, а меѓу 790 обвинети има 55 млади луѓе на возраст од 16 до 18 години. Групите за човекови права кои го следат процесот и ги советуваат обвинетите велат дека казните за десетици осуденици, вклучително и оние за бунт, се движат од четири до 30 години зад решетки. Кубанскиот обвинител рече дека казните „соодветствуваат на сериозноста на кривичното дело, степенот на учество (на обвинетиот) и штетата направена на општеството“.