Претседателот на општина Нов Белград и потпретседател на Главниот одбор на владеачката Српската напредна партија (СНС), Александар Шапиќ, денеска потврди дека ќе биде кандидат на СНС за градоначалник на Белград на изборите најавени за 3 април, јави дописникот на МИА од Белград.

Шапиќ за ТВ Пинк изјави дека на неодамнешната седница на Претседателството на СНС било одлучено тој да биде носител на партиската листа на изборите за Собранието на Белград.

Тој најави дека Главниот одбор на СНС треба да ги усвои листите за парламентарните и за белградските избори на 11 февруари, а изборите најверојатно ќе бидат распишани на 14 или 15 февруари.

Како што објави претходно денеска весникот Нова, на сегашната листа нема да биде актуелниот заменик градоначалник Горан Весиќ, кој би можел да биде кандидат на СНС на парламентарните избори.

Нова наведува и дека СНС и Социјалистичката партија на Србија (СПС) ќе настапат одделно на претстојните парламентарни и белградски избори, додека СНС очекува поддршка од социјалистите за кандидатурата на Александар Вучиќ за претседател на Србија.

Според весникот, одлуката за самостојен настап на СНС на претстојните избори ја донел претседателот на партијата Александар Вучиќ, бидејќи неодамнешните анкети на јавното мислење покажуваат дека партиите од владејачката коалиција можат да сметаат на повеќе гласови доколку настапат на посебни листи.

Претходно лидерот на СПС, Ивица Дачиќ изјави за медиумите дека партијата ќе ја подржи кандидатурата на Вучиќ за претседателските избори, но бараше СПС и СНС да имаат заедничка изборна листа, за што најави состанок со СНС до крајот на неделата.

Последните анкети во Србија посочуваат дека опозицијата најголеми шанси за победа има на изборите за град Белград, но само ако настапи обединето на овие избори.

Вчера претседателот на Демократската партија (ДС), Зоран Лутовац не го прифати предлогот на неговите коалициски партнери од Здружената опозиција на Србија да биде кандидат за градоначалник на Белград.

Како што соопшти Бета, на средбата на која присуствувале сите лидери на политички партии и движења од Здружената опозиција на Србија, која покрај ДС ја сочинуваат Партијата за слобода и правда (ССП) на Драган Ѓилас, Народната партија (НС) на Вук Јеремиќ, Движењето на слободни граќани (ПСГ), Движењето за промени и други, Лутовац се заблагодарил за предлогот да биде кандидат за градоначалник, велејќи дека е многу подобро кандидатот за таа функција да биде непартиска личност.

Вчера Ѓилас за телевизијата Н1 изјави дека истражувањето што таа партија го прави веќе 14 месеци покажало дека Вучиќ ќе ги загуби изборите.

Тој оцени дека пензионираниот генерал Здравко Понош е најдобриот кандидат за претседател на Србија и дека за тоа веќе се изјасниле огромен број интелектуалци и граѓани.