Амбасадата на Република Србија во Париз достави писмо за кандидатура за домаќин на Меѓународната специјализирана изложба во Белград – ЕКСПО 2027, потпишано од премиерката на Србија Ана Брнабиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
Како што соопшти Владата на Србија, предлогот е Специјализираната изложба BELGRADE EXPO 2027 / EXPO BELGRADE 2027 да биде со тема „Игра(ј) за хуманоста – спорт и музика за сите“ и тој да се одржи во Белград од 15 мај до 15 август 2027 година.
-Одржувањето меѓународни изложби, како што е ЕКСПО 2027, е единствена можност да се промовираат сите економски, туристички и културни потенцијали на земјата домаќин. Република Србија и Белград докажаа дека имаат способност, организациски, професионални и човечки капацитети да ги организираат најголемите меѓународни настани, а организирањето на ваков голем и значаен настан во нашиот главен град значи потпирање на сите потенцијали што ги има Република Србија. Доколку добиеме организација, важно ќе биде и искуството што го има нашата земја како учесник на изложби од ваков тип во минатото, а последно е Дубаи ЕКСПО, каде Србија постигна забележителна промоција и видливост“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека организацијата на меѓународно признатата изложба EXPO BELGRADE 2027 јасно би ја поставила Србија како економски, културен и политички центар на овој дел од Европа.
Освен Србија, кандидатура за домаќин на Специјализираната изложба 2027/28 поднесе и државата Минесота, САД и Пукет, Тајланд. Претходниот специјализиран ЕКСПО се одржа во Астана во 2017 година, а следниот планиран за 2023 година ќе се одржи во Буенос Аирес, соопштија од српската влада.
Меѓународното биро за изложби (БИЕ) организира четири постојани типови на изложби: Светски изложби на капацитети како што е овогодинешниот ЕКСПО во Дубаи, Специјализирани изложби, Хортикултурни изложби и Триенале во Милано.