На 27 јануари светот го одбележува Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот1 , симболичен датум за комеморација на жртвите на нацизмот. Милиони настрадаа од убиствениот нацистички терор поради биологија, националност или политичка идеологија.

Но, малкумина знаат дека меѓу жртвите на нацистите имало илјадници Јеховини сведоци, кои страдале поради својата христијанска вера. Јеховините сведоци, тогаш познати и како Истражувачи на Библијата, беа „единствената група која за време на Третиот Рајх беше прогонувана само врз основа на нивните религиозни убедувања“, вели професорот Роберт Герварт2 .

Според историчарката Кристин Кинг, нацистичкиот режим ги нарече Сведоците „непријатели на државата“ поради „нивното јавно одбивање да ги прифатат дури и најмалите елементи на [нацизмот], кои не се во склад со нивната вера и нивните верувања“3 . Од религиозни причини, политички неутралните Сведоци не го користеа поздравот „Хајл Хитлер“, не учествуваа во расистички и насилни дејствија, и не се приклучија на германската армија. Напротив, „во својата литература тие јавно ги идентификуваа злоделата на режимот, вклучувајќи го и она што им се случуваше на Евреите“, вели Кинг4 .

Сведоците беа меѓу првите кои беа испратени во концентрациони логори, каде што носеа уникатен симбол на облеката – виолетовиот триаголник. Од околу 35.000 Сведоци во нацистички окупираната Европа, повеќе од една третина претрпеа директно прогонство. Најголемиот дел беа уапсени и затворени. Стотици нивни деца беа однесени во нацистичките поправни домови. Околу 4.200 Сведоци беа испратени во нацистичките концентрациони логори. Водечкиот авторитет Детлеф Гарбе напишал: „НС [нацистичките] владетели објавија дека имаат намера целосно да ги елиминираат Истражувачите на Библијата од германската историја“ 5 .

Се проценува дека умреле околу 1.600 Сведоци, од кои 370 со егзекуција6 . Нацистите се обидоа да ги скршат религиозните убедувања на Сведоците нудејќи им слобода ако потпишат изјава за послушност. Во стандардната Erklärung (која почнала да се користи на почетокот на 1938 година) од потписникот се бараше да се откаже од својата вера, да ги предаде другите Сведоци во полиција, целосно да се потчини на нацистичката влада и да ја брани „Татковината“ со оружје во рака.

Одговорните лица во затворите и логорите честопати користеа тортура и лишување од неопходните работи за да ги натераат Сведоците да ја потпишат изјавата. Според Гарбе, „исклучително мал број“ Сведоци се откажале од својата вера7 . Женевиев де Гол, внука на генералот Шарл де Гол и член на Францускиот отпор, за жените кои биле Сведоци во концентрациониот логор Равенсбрук вели: „Многу им се восхитував бидејќи можеа да си заминат во секое време само ако потпишат изјава дека се откажуваат од нивната вера.

Но на крајот, овие жени кои се чинеше дека се толку слаби и истрошени, беа посилни од СС кои ја имаа моќта и сите други средства на располагање. Тие имаа своја цврстина и токму нивната волја беше нешто што никој не можеше да го победи“. Тоа што нацистите не успеале да ги принудат Јеховините сведоци да им се подложат е во остра спротивност со нацистичките цели кои биле нашироко прифатени пред и за време на холокаустот.

За овој ненасилен отпор на обични луѓе кон расизмот, екстремниот национализам и насилството вреди подлабоко да се размислува на овој Меѓународен ден на сеќавање на холокаустот.

Христијанска верска заедница Јеховини сведоци